Денеска во Парламентот на РМ Националниот совет за евроинтеграции, заедно со Комисијата за одбрана и безбедност организираа Јавна расправа по Предлог-законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

sobranie motori

Денеска во Парламентот на РМ Националниот совет за евроинтеграции, заедно со Комисијата за одбрана и безбедност организираа Јавна расправа по Предлог-законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

На јавната расправа освен пратениците присуствуваа и претставници на невладини организации, здруженија на граѓани и национални федерации со цел да се подобри предлог законот пред да се даде на гласање во Парламентот.

На покана на Советот присуствуваше и претставник од мотори.ком.мк како и г-дин. Ленин Јовановски како претставник на МФМ.

Нашите предлози беа следни:

  • Од Членот 2 став 58 во кој се вели: „Мопед“ е возило на моторен погон со две или три тркала чија работна зафатнина на моторот со внатрешно согорување не е поголема од 50 cm3 односно силата на електромоторот не поминува повеќе од 4 кw и чија брзина на рамен пат е ограничена на најмногу 45 km/h; да биде изоставено ограничувањето на брзината од 45км/ч со цел скутерите кои фабрички не се ограничени на 45км/ч да не бидат третирани како мотоцикли (согласно став 59 од истиот член).

  • Член 86 кој се однесува на вклучените светла, да остане во примена сегашниот закон со кој на автомобилите ќе им бидат задолжително вклучени светлата во текот на денот со што полесно ќе бидат воочливи за мотоциклистите и полесно ќе може да се одреди брзината и движењето на автомобилите.

  • Членот 99 во кој се третира носењето на заштитен шлем да биде дополнет со зборовите заштитен шлем со сертификат за безбедност (DOT, ECE или Snell). Бараме употреба на кациги кои ги задоволуваат безбедносните стандарди бидејќи кацигата се носи на глава за да ве заштити и да ви го спаси животот, не за да не бидете казнете од полицијата.

  • Член 277, став 2, кој се однесува на возач почетник да се промени бидејќи не е применлив кај мопедите и мотоциклите. Во овој став се вели: „Возачот од ставот (1) на овој член, не смее да управува возило во патниот сообраќај во времето од 23,00 часот до 5,00 часот, освен ако со него во возилото на предното седиште се наоѓа лице-возач, од соодветната категорија и постаро од 25 години, на кое не му е изрекувана прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило.“

  • Член 301, став 22, кој се однесува на возачките дозволи, бараме со поседување на дозвола од „Б“ категорија граѓаните да смеат да управуваат со скутери со зафатнина до 125цм3 (А1 категорија). Ова е регулирано во законот за безбедност во сообраќајот на Франција која е земја членка на ЕУ, а бидејќи нашиот закон се стреми кон усогласување со Европскиот закон не гледаме пречка зошто да не се реализира и кај нас.

Господинот Ленин Јовановски во своето излагање се осврна на безбедноста на возачите па затоа ги достави следните предлози:

  • Повторно беше покренато прашањето за законска регулатива на бојата која се користи за одбележување на хоризонталната сигнализација на патиштата со цел да се употребува боја која ќе биде безбедна за поминување со мотоцикл во секакви услови.

  • Да се зголемат казните за учесниците во сообраќајни незгоди во кои оштетена страна се ранливите категории на учесници во сообраќајот како што се велосипедистите и мотоциклистите.

  • Да се исклучи наплатата на услуги од страна на МВР при организација на спортски или едукативни мото настани со што повеќе пари би останале во буџетот на организаторот за самиот настан.

  • Да се олесни процедурата за хомологација на преработени (кастмизирани) мотоцикли и трицикли со цел да можат истите да се регистрираат.

Она што не радува е фактот што предлозите кои ги изнесовме беа позитивно прифатени од присутните, па сега останува истите да се претворат во амандмани за кои се надеваме дека ќе бидат изгласани при второто читање на законот со Собранието.

Back To Top