Викендов на патеката Аданката во Романија се вози втората рунда од БМУ Европскиот шампионат во мотоциклизам.

Христијан Бузалковски (МК Ендуро Тим - Водно Скопје) и Слободан Ивчески (МК Сакамото) се двајцата македонски возачи кои викендов ќе настапат на двојната трка во Романија.

БМУ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам започна на патеката Серез во Грција пред еден месец, а викендов на програмата е втората рунда во која повторни се возат две трки. На патеката долга 4129 метри правецот е со должина од 960 метри но се постигнуваат помали брзини отколку на Серез. Конфигурацијата на патеката и бројните свиоци не дозволуваат да се развијат поголеми брзини, а станува збор за навистина техничка патека.

Бузалковски во првата рунда забележа победа и второ место во класата SP125, а во класата F600 по проблемите со мотоциклот на првата трка, остана без бодови од Грција. За жал и покрај сите напори тој не успеа да го оспособи мотоциклот па во Романија отпатува само со својата Априлија со која настапува во класата SP125. На денешните квалификации тој беше убедливо побрз од конкурентите, па оправдано се очекува негова доминација во Романија и враќање со нови два пехари.

Во класата F1000 актуелниот шампион Слободан Ивчески ќе има прилика да го поправи учиникот од првата рунда. Тој на патеката во Серез забележа едно седмо и едно четврто место. Патеката во Романија му е добро позната па се надеваме на подобар резултат, и покрај тоа што по денешните квалификации, утрешната трка ќе ја започне од седмата позиција. Ивчески е искусен возач кој сигурно ќе прикаже одлична трка.

На нашите возачи им посакуваме многу среќа викендов, следете не утре и задутре за повеќе информации и резултати од трките.

Back To Top