Голем успех забележаа нашите претставници на трката од Источно Европскиот шампионат во ендуро која викендов се одржа во Касторија, Грција.
Голем успех забележаа нашите претставници на трката од Источно Европскиот шампионат во ендуро која викендов се одржа во Касторија, Грција.
Христијан Илиоски и Ванов Драган настапија во класата Е јуниор (до 25 години) во конкуренција на млади но искусни возачи. Илиоски за кусо време го покажа талентот на дело, тој повторно докажа дека е возач од највисок ранг освојувајќи го притоа првото место, а Ванов Драган го забележа седмото место што претставува огромен успех имајќи ја во предвид тежината на патеката.
Според зборовите на учесниците станува збор за исклучително тешка и опасна патека со екстемни нагорнини и надолнини со многу камења па затоа и повеќето од учесниците имаа потешкотии да го совладаат теренот. За среќа нашите учесници овие делови од патеката ги поминаа без да загубат време и притоа успешно да се справат со ендуро и крос тестот. Илиоски беше соочен со конкуренција од неколку грчки шампиони во мотокрос и ендуро но знаејќи го неговиот борбен дух никој не се посомнева дека во вториот натпреварувачки ден ќе ја надокнади разликата. Тој не само што ја надокнади разликата туку и направи огромна предност што на крајот му ја донесе победата.
На трките се возеа по три кругови од шеесетина километри по исклучително лош и опасен терен кој едноставно не простува грешки, односно 180 километри возење без одмор во секој од двата натпреварувачки денови. Силната конкуренција се состоеше од возачи од Грција, Бугарија, Турција и секако нашите двајца натпреварувачи. Успехот на македонските возачи немаше да биде можен без поддршка на тимот на Јамаха кој ги отстапи моторите кои ланската сезона ги возеле најдобрите Француски ендуро возачи, специјално подготвени за ваков тип на трки.
Следната трка од овој шампионат се вози во Босна и Херцеговина на 14.06.2015