Пет македонски натпреварувачи викендов ќе започнат со трките од Балканските шампионати во супермото и брзински мотоциклизам.

Викендов на патеката Долна Митрополија во Плевен (Бугарија) ќе се возат првите трки од шампионатот во брзински мотоциклизам и шампионатот во супермото.

Вкупно 5 македонски натпреварувачи ќе настапат во Бугарија, тројца во брзински мотоциклизам и двајца во супермото.

4.1

Во брзински мотоциклизам ќе имаме претставници во три класи, Христијан Бузалковски (МК Мотори) ќе не претставува во класата до 125цц, во класата F600 ќе вози Игор Спиров - Зизи (МК Гого), а во класата F1000 ќе го проследиме Слободан Ивчески - Цобо (МК Сакамото).

Бузалковски најави дека ќе атакува на првата позиција во неговата класа, од Игор Спиров се очекува да го подобри минатогодишниот резултат, а посакуваме Слободан Ивчески да го видиме во вистинското светло и да го прикаже возењето за кое е способен.

Во супермото шампионатот двајцата наши претставници ќе возат во класата SM3, Јове Иванов и Александар Давчевски настапуваа за мото клубот Мото Велес. Конкуренцијата во класата до 125цц во супермото е голема, па успешното завршување на трката за двајцата наши возачи ќе биде од големо искуство за понатамошните трки.

Претставниците на МФМ во Бугарија ги очекува интересен викенд, многу учесници и патека која не е во најдобра состојба, а најавите за дожд дополнително ќе ја отежнат ситуацијата. Сепак се надеваме дека нашите претставници ќе имаат успешен викенд и во Бугарија ќе биде развеено нашето знаме на пиедесталот.

Нашата екипа ќе биде присутна на патеката во Плевен во текот на целиот викенд, очекувајте резултати и слики по завршувањето на трките.

Back To Top