Супербајк сезоната дојде до својот крај, пред последната рунда која викендов се вози во Катар сè се сведе на ова: две трки, двајца возачи, два тима и една титула на дофат.

sajks-pol

Супербајк сезоната дојде до својот крај, пред последната рунда која викендов се вози во Катар сè се сведе на ова: две трки, двајца возачи, два тима и една титула на дофат.

Патеката Лосаил во Катар за прв пат под светлата на рефлекторите ќе биде домаќин на возачите од Светскиот Супербајк шампионат. Том Сајкс и Силвијан Гинтоли имаат две трки со по 17 круга да ја решат завршницата на шампионатот, едниот актуелен Светски шампион, другиот на само 12 бода зад него.

Сајкс имаше поголема предност во генералниот пласман но трките на Мањи-кур во Франција му овозможија на Гинтоли да се доближи доволно со бодовите за да следиме возбудлива финална рунда. Во однос на трката во недела, Сајкс има предност и заради тоа што се работи за патека на која веќе има возено.

„Со нетрпение ја очекувам трката на Лосаил, тоа е патека на која веќе се имам тркано, а бев тука и за презентацијата на новата Нинџа. Возев под светлината на рефлекторите и можам да кажам само дека е целосно различно искуство од она на што сме навикнати. Самата патека е одлична, поставеноста на свиоците овозможува во целост да се искористи потенцијалот на Супербајк моторите. Со нетрпение очекувам во петок да започнат сесиите. Знам дека влогот е голем и дека нема простор за грешка, но едноставно сакам да излезам на патеката и да го правам она што го знам најдобро. Ова е трета година по ред во која се бориме за титулата, па останува на тоа да се покажеме најдобро што можеме на денот на трките.“ - изјави Сајкс

Силвијан Гинтоли исто така има возено на Лосаил, последен пат на трка во 2010 (8 часа Доха) па и нему нема да му биде непозната патеката.

„Иако немам возено во Катар од 2010 сигурен сум дека патеката одлично ќе се покаже за RSV4, многу сум возбуден пред викендот кој следи и ќе се потрудам да останам максимално фокусиран на целта. Работевме напорно за ова, од Лагуна Сека до сега успеавме да ја намалиме разликата од 44 на само 12 бода, Сајкс одлично се брани но сега сме навистина блиску.“ - изјави Гинтоли.

Трката во Франција беше по многу работи контроверзна, пред се заради тимските наредби по кои Марко Меландри го пропушти Гинтоли во првата трка, но потоа одби да го стори истото во втората. Во разговорот со Меландри тој вели дека се надева на титулата во конструктори, но не го спомнува неговиот клубски колега:

„Многу сум среќен што ќе возам во Катар ноќе, патеката е одлична и ќе можам да го искористам максимумот од мојата Aprilia RSV4. Се надевам дека ќе продолжам со добрите резултати и ќе помогнам Априлија да ја добие титулата во конструктори.“

Трките се возат во недела со пренос на ЕуроСпорт каналот, првата со почеток во 17 часот, а втората со почеток во 20 часот по наше време.

Back To Top