Михаел ван дер Марк и Алекс Ловс ќе се обидат да ја освојат титулата за Yamaha и во сезоната 2019 од Светскиот Супербајк Шампионат, откако за време на трката во Мизано двајцата возачи го продолжија договорот со тимот.

Сезоната 2019 ќе биде трета за ван дер Марк во тимот на Yamaha. Поранешниот шампион од Европскиот Суперсток и FIM Светскиот Суперспорт шампионат, за време на својата дебитанска сезона два пати успеа да се искачи на подиумот. Веќе во втората година во тимот, тој успеа да го подобри својот резултат.

u4k57fzdgl5n4kubwct1

25 годишниот Холанѓанец, во првата половина од сезоната 2018 успеа дури седум пати да се искачи на подиумот, а меѓу нив е и неговата прва победа во серијата која ја постигна на првата трка која се возеше во Донингтон Парк. Тој успеа да победи и на втората трка на истата патека со што стигна до двојна победа. Во моментов тој е на третото место во шампионатот со 248 поени.

Ван дер Марк исто така постигна успех и на трката „Suzuka 8 Hour“ откако стигна до победата на три од петте настапи кои ги имаше. Последната победа на оваа трка ја постигна во 2017 година кога заедно со Ловс и Кацујуки Накасуга беа дел од Yamaha Factory Racing тимот.

За Ловс, сезоната 2019 ќе биде негова четврта во тимот на Yamaha. Од почетокот на сезоната 2017 па се досега, Британецот успеа да освои седум места на подиумот, а меѓу нив е и победата на трката која се возеше во Брно. Во моментов тој се наоѓа на петото место на табелата со 193 поени.

Поранешниот Супербајк шампион исто така е двоен победник на трката „Suzuka 8 Hour“ откако успеа да стигне до првото место во 2016 и 2017 година.

Откако ги обезбедија возачите за сезоната 2019, официјалниот тим на Yamaha е целосно подготвен за настап по завршувањето на летната пауза. Следната трка се вози на патеката во Португалија од 14 до 16 септември.

Михаел ван дер Марк

„Многу сум среќен што потпишав договор со Yamaha. Верувам во овој проект, тимот верува во мене како возач и тоа е одлична комбинација. Иако се уште работиме за да бидеме подобри, очигледен е напредокот кој го постигнавме досега. Тоа може да се забележи бидејќи успеавме да стигнеме до неколку победи а исто така и секој викенд се бориме за место на подиумот. Со нетрпение ја чекам следната трка за да продолжиме заедно да се бориме за титулата.“

Алекс Ловс

„Среќен сум што ќе продолжам да бидам дел од Супербајк проектот на Yamaha. Откако во 2016 година тие се вратија во серијата, заедно поминавме низ многу работи, некои добри, а некои лоши. Но дефинитивно се движиме по вистинскиот пат. Одлично беше што успеав да стигнам до првата победа. Тоа ќе значи и дека во иднина ќе очекуваме многу од секоја трка. Многу верувам во овој проект, а мојата цел отсекогаш била да стигнам до титулата. Сметам дека можеме да го постигнеме тоа со оглед на досегашниот напредок. Сакам да им изразам голема благодарност на Ерик де Сејнес, Андреа Досоли и Паоло Павесио во Yamaha, а исто така на Пол Денинг што веруваат во мене. “

Ерик де Сејнес – претседател на Yamaha Motor Europe

„Пресреќни сме што ја продолживме соработката со Алекс и Михаел и во сезоната 2019. Двајцата досега завршија одлична работа за тимот, а сезоната 2018 е наша најуспешна откако се вративме во серијата. На половина сме од шампионатот, а досега имаме 3 победи и 10 места на подиумот. Очигледно е дека Алекс и Михаел имаат важен дел од тој успех. Убедени сме дека во иднина ќе постигнеме уште подобри резултати и ќе продолжиме да работиме напорно за да ја постигнеме нашата цел, а тоа е шампионска титула за Yamaha.“

Back To Top