По најавите од Град Скопје дека од идната година паркингот за мотоцикли ќе се наплаќа, мотоциклистите од Скопје упатуваат апел до градоначалникот да ја ревидира својата одлука.

Мото клубовите во Скопје се едногласно и категорично против предлогот на градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов за одбележување на паркинг простор за мотоцикли и мопеди на паркинзите на Град Скопје, на кои од идната година би се наплатувало паркирањето.

Поради тоа на состанок одржан на 29.06.2018 година, претседателите на 11 мото клубови од Скопје, подржани и од мото клубови од другите градови во Република Македонија, донесоа одлука да повикаат на предупредувачки протест кој ќе се одржи в недела на 01.07.2018 година, пред просториите на Град Скопје во Градскиот парк со почеток во 10 часот.

nema parking 600x450 725acc3cdba8d95a1f58aa19b0c11048 e1527077297650

Предлогот на градоначалникот Шилегов е погрешен од неколку аспекти и поради тоа е неприфатлив за мото клубовите и за независните мотоциклисти, заклучија претседателите на мото клубовите.

Тие особено ги потенцираа следните аспекти:

  • Со минорни исклучоци, меѓу кои е и градот Дубаи од 2017 година, никаде во Европа и во светот не се наплаќа паркирањето на мотоцикли и на мопеди. Согласно тоа, нема позитивна пракса врз која Град Скопје би ја темелел својата одлука.
  • Возењето мотор, покрај својата основна предност - поголема слобода во движењето - помага да се намали градскиот метеж во сообраќајот, а согласно тоа, може да се смета како помош при намалувањето на загадувањето на воздухот произлезено од сообраќајот.
  • Возачите на мотоциклите и мопедите не прават проблем со паркирањето на своите мотори, а секако почитуваат основни непишани правила да не паркираат во тревни површини или пред хидранти и друга канализациона, водоводна или електрична инфраструктура.

Поради аргументите кои за мото клубовите се јасни и недвосмислени, тие упатуваат барање до градоначалникот Петре Шилегов да ја повлече предлог одлуката, која во понеделник треба да се најде на дневен ред на седницата на Собранието на Град Скопје.

Back To Top