Нашиот најдобар мотокрос натпреварувач Христиан Илиоски ќе ја претставува Македонија и Мотоциклистичка федерација на Македонија (МФМ)
Нашиот најдобар мотокрос натпреварувач Христиан Илиоски ќе ја претставува Македонија и Мотоциклистичка федерација на Македонија (МФМ) на шестиот натпревар од Светскиот шампионат во мотокрос за 2012 година кој ќе се одржи на 10 јуни на патеката во Орехова Вас, Словенија.
Минатата недела Илиоски уште еднаш се запиша во аналите на македонскиот мотоциклизам и спорт како прв наш учесник на натпревар од Светскиот шампионат во мотокрос во класата МХ3 на натпреварот во Хрватска. Во исклучителна конкуренција тој успеа на два пати да го освои 28 место што е најголем успех на македонски мотоциклист во натпревар од највисок светски ранг. За разлика од македонскиот шампионат каде што настапува со мотоцикл Хонда и доминира во класата МХ2, Илиоски на меѓународен план настапува со КТМ.
Класата МХ3 е се популарна и за натпреварот во Словенија се пријавени дури 59 мотокросисти од 23 држави. Интересно е дека во исто време ќе се одржи и трка од Светскиот шампионат во мотокрос за жени со вкупно 34 учеснички.
Тренинзите и квалификациската трка во двете конкуренции се предвидени за сабота 9 јуни, а двете возења што ќе ги одредат најдобрите се на програмата во недела 10 јуни.