По официјалното известување од таборот на шпанскиот шампион, останува прашањето дали ќе настапи и на следната (негова коњак) патека во Америка?

marquez arg 22

И покрај оптимизмот на тимот на Marc Marquez дека повредата на очниот нерв поминува подобро од минатиот пат, сепак падна одлука да се прескокне оваа трка без најава за неговото враќање на патеките. Дали е ова тактичка одлука, надевајќи се на побезбедно враќање на патеката COTA која му е, покрај онаа на Sachsenrin, омилена на шампионот, останува да видиме. Тоа конечно би значело и менување во (по секоја цена) пристапот. 

Дури и големиот и бестрашен John McGuinness, кој годинава се натпреварува по 100-ти(!!) пат на лудата трка Isle of Man TT, го предупредува Шпанецот да размисли за тоа како и кога ќе продолжи да настапува!? Значи зборуваме за човек кој во својата кариера има настапувано на трки во кои животот го изгубиле повеќе возачи отколку во некои меѓудржавни воени инциденти...му кажува на колегата од Honda да подзабави малку...

Видувањата на Англичанецот за последниот пад на Marquez, одат до тврдењето дека единствено заштитната опрема е заслужна што Marc е денес сеуште меѓу нас. Рекордерот McGuinness, во негов стил без влакна на јазикот, кажува и дека веројатно на шефот на HRC во MotoGP, Puig, единствено му е важно да победува заедно со Marquez, дури и кога победата е на сметка на неговото здравје. 

Да не се разбереме погрешно. Храброста и амбицијата, како и талентот и вештината се она што нѐ врзува секоја трка пред телевизорите. Но! Секогаш треба да се дојде до, па и да се гази на границата, но никако преку границата. Многу пати сме биле сведоци на потези од страна на Шпанецот кои оделе преку границата. Ако некој смета дека го “хејтаме” 7 кратниот шампион, се лаже. Ова го пишуваме со голема доза на почит и одговорност, затоа што оној кој се радува на сегашната ситуација на Marquez не го сака вистински овој спорт. Зборуваме за човек кој во својата прва сезона се бореше со гиганти од типот на Jorge Lorenzo кој тогаш беше сеуште во зенитот, талентираниот Pedrosa кој после тимскиот колега Stoner имаше к’смет да го наследи идниот шампион, и секако легендата Rossi кој иако во надолната линија на својата кариера сеуште имаше знаење и желба, како и воља за уште една титула. Можеби токму тука е и клучот на проблемите на Шпанецот. Знаеме дека не сака да губи. Знаат и сите други на патеката. Дали изгоре во желбата да биде конечно и подобар од најголемиот на сите времиња, 8-кратниот шампион Valentino Rossi? Дали желбата и амбицијата се поголеми од реалните можности? Дали и кога ќе го видиме големиот Marc Marquez повторно на патеката во полн сјај? Секако го посакуваме токму тоа. Останува на него да ни покаже дали ќе продолжи онаму каде што запре во 2019-та година, или ќе се врати на онаа непријатна сезона 2015!

Back To Top