Единствено португалскиот возач Oliveira на KTM успеваше да им одолее на ордата возачи на Ducati, кои покажаа несебична солидарност кон Pecco Bagaia.

 dsc5790.gallery full top lg

Многу одложувања заради монсунските дождови на патеката во Тајланд, ги одбележаа овогодинешните трки во Moto2 и MotoGP. Најмалата класа имаше среќа, заврши навреме а возачите ужива во добрите услови на патеката.

MotoGP 

Борбата за титула во најмоќната класа почнува навистина да се приближува до својот зенит. Ако до сега претходните трки личеа на драма, сега веќе се вмешува и нов жанр. Трилер, но не Miller, ако судиме по последната трка возена во Тајланд. Тука го видовме нервозен Aleix Espargaro како се расправа со останатите возачи во обид да изнуди одложување на трката заради временските услови. Нервозата беше видлива и кај Pecco кој седеше во боксот со оној стаклен поглед на исплашен човек кој оди во непознато. Од друга страна Fabio делуваше најприбрано и зад новите наочари, кои за првпат ги носи од оваа трка, не можеше да се исчита баш нешто посебно.

Скоро сите тренинзи беа извозени во суви услови што покрај паузата од 2 години, значеше многу малку информации за сетап на моторите. Нешто слично на претходниот викенд во Јапонија. Ако земеме предвид дека следната трка се вози во Австралија на патеката Phillip Island, која е позната по променливите услови, тогаш можеме да продолжиме со уживање да ги следиме трките кои се се само не досадни.

Да се вратиме во Тајланд. Прва пол позиција за Marco Bezzecchi и воедно прва за тимот на VR46. Италијанот не му недостасува брзина, а и моторот кој го вози доминира во бројот на пол позиции годинава. Дури 13 пол позиции од 17 трки за Ducati!

Не беше лошо и за единствената Yamaha меѓу првите 12. Quartararo е цела сезона единствениот кој се спротивставува на италијанските мотори, и тоа 8 на Ducati и 2 на Aprilia! Со се подобрата форма на Marc Marquez по последната операција, се чини дека ова се единствените двајца возачи на јапонски мотори кои ја прават разликата и се борат сами против сите.

По стартот и првиот свиок во кој неколку возачи излегоа надвор од патеката, најмногу загуби Marco кој мораше да врати позиција заради излетувањето и враќањето на првата позиција и тоа токму во моментите кога имаше веќе солидна предност. По пропуштањето на Miller кој во моментот беше на втората позиција, започна и слободниот пад на Bezz кој на крајот заврши како 16-ти надвор од бодови. Зад него беше второто најголемо разочарување викендов, Fabio, кој никако не успеваше да се снајде во овие услови. Чудно ако се земе предвид трката во Индонезија на која во слични услови заврши како втор зад победникот на таа и оваа трка, Португалецот Miguel Oliveira. Кога сме кај победникот, мора да се каже дека мајсторски ја извозе оваа трка и навистина зачудува онаа фраза дека ОК победил, ама на дожд. Па токму во вакви услови се гледа умешноста на возачите да се снајдат во овие услови. ОК, тука е и сетирањето на електрониката на моторот, и самиот мотор секако, но ако некој постојано вози добро во вакви услови тогаш дефинитивно се работи за посебен талент. Дали со ова се докажува уште еднаш дека KTM има проблем со менаџирањето на возачите? Претходно го изгубија Pol Espargaro, кој сега го враќаат преку новиот тим на Gas Gas, а сега го испуштија и човекот кој им донесе најмногу победи?! Како и да е, човекот кој студира стоматологија, успеа да го надвози Jack кој е исто така познат како одличен возач во вакви услови. Вистинска мајсторија која се препорачува да се погледне и по неколку пати.

Miller со уште еден подиум дури и се враќа, барем теоретски, во борбата за титула со 30 бода заостанување зад Fabio!

Во борбата за титула се уште се наоѓа и Enea со 29 бода заостанување, додека уште една лоша трка имаше и Aleix кој по грешката и контактот со Brad Binder доби и казна со (пре)долгиот круг, а остана и без дел од аеро крилцата. Сепак со 11-тата позиција успеа да спаси 5 бода и да му се доближи до 20 бода на Fabio. 

Pecco имаше тешка трка. На моменти делуваше брз, на моменти како да губеше здив. Секако по лошите тренинзи на дожд во Јапонија, каде што заостануваше над 2 секунди зад најбрзите, овој резултат е рамен на победа за него. Со третата позиција и освоени 16 бода, сега се доближи до само 2 бода заостанување зад Fabio. До оваа позиција извозе сам секако, но останува фактот што Zarco не го нападна иако делуваше дека има темпо за напад. Французинот се избори против Marquez кој извозе уште една одлична трка, но кога дојде до Pecco како да тактизираше. Дали намерно му чуваше грб или едноставно не сакаше да ги вознемири духовите на шефовите на Ducati тешко дека ќе дознаеме. Како што кажа самиот не сакал да ризикува и да направи контакт со Pecco, а со тоа и да се влијае во борбата за титула меѓу неговиот сонародник, и возачот на неговиот работодавец. Хммм, не му било лесно.

Од останатите можеме да ја споменеме ретката грешка на Luca Marini, кој затера со одлични резултати и ова му е прв пад во трка во досегашната карирера, што значи и прва незавршена трка. Од друга страна со освоеното 13-то место конечно се вмеша во борба за (какви такви) бодови и Franco Morbidelli кој не може да се врати во форма по повредата.

Moto2

Уште поголема лудница се случуваше во средната класа во која победата на крај ја однесе Tony Arbolino кој водеше само некои свиоци пред да се означи прекин, и крај на оваа трка заради преголемиот дожд. Затоа што се извозија само 8 круга, бодувањето е на половина, но за победникот секогаш ќе се брои победата. А за малку не ја освои својата прва победа Filip Salač кој едноставно немаше искуство во ваквите ситуации и не крена рака на време за да сигнализира за условите. Малку мангупски изигра Италијанот (а кој друг) кога брзо по претекнувањето крена рака за прекин. ОК, и условите секако се влошува, но снаодливоста е очигледна. Aron Canet ќе продолжи да си ја носи лептир машната, затоа што повторно беше на подиумот, но на последото скалило. Човекот кој има посебна љубов кон тетоважите истакна дека го избегнуваат тимовите од MotoGP токму поради тетоважите во кои е целиот обвиткан.

А борбата за титула? Ogura и Fernandez завршија на 6-тото и 7-мото место со што се на 2 бода разлика во корист на Шпанецот. И ова првенство ќе биде неизвесно до крајот!

Moto3

Повторно солидна трка за Izan Guevara кој заврши како петти, и повторно несреќна трка за неговиот клубски колега и најголем конкурент Sergio Garcia, кој беше исфрлен од трка од помладиот брат Fernandez со што сега се најде на третата позиција во генералниот пласман зад победникот на оваа трка Dennis Foggia, кој не ја изгуби првата позиција во текот на целата трка. Навистина доминатна победа на Италијанот кој заврши пред Sasaki и Rossi кои се надмудруваа во текот на целата трка и постојано ја одржуваа возбудата со храбрите дуели.

Продолжува маратонот со набиениот распоред на трки, кој ќе стане уште понабиен во следната сезона со зголемениот број на трки, дури 21, но и воведувањето на спринт трките што автоматски го дуплира вкупниот број на трки!

Back To Top