КТМ ќе префрли дел од производството на мотоцикли во новата фабрика во Кина.

KTM склучи договор за соработка со кинеската компанија CFMoto и следната година дел од мотоциклите ќе бидат произведени во новата фабрика во Хангзу.

Двете компании започнаа соработка уште во 2011 година а CFMoto почна да увезува и да продава мотоцикли на КТМ ширум Кина. Со новиот договор, нивната соработка уште повеќе ќе се продлабочи.

Во новиот објект ќе можат да се произведуваат помеѓу 50,000 и 100,000 мотоцикли годишно а со работа се очекува да почне кон средината на 2020 година.

Голем дел од мотоциклите на КТМ од средна класа ќе почнат да се произведуваат во Кина а потоа ќе се продаваат во Европа, Сад и Азија.

KTM390 China txt 19 12

Со овој потег, компанијата ќе го зацврсти своето место на пазарот во Азија а во исто време, во Европа ќе може да се фокусира на производство на попрестижни модели, каков што е KTM Super Duke R.

Оваа стратегија веќе одлично функционира во Индија, каде се наоѓа еден од партнерите на Австриската компанија, Bajaj Auto. Во фабриката во Индија, покрај тоа што се произведуваат неколку од моделите на фирмата, во иднина ќе почнат да се произведуваат и електричните машини на КТМ.

Изминатава година беше навистина продуктивна за компанијата а заедно со сестринската компанија, Husqvarna, преставија неколку нови модели.

Договорот исто така ќе биде од корист и за CFMoto. Компанијата веќе има одобрение за користење на 990cc LC8 моторот а наскоро планираат да произведат и неколку модели со кои ќе се појават на пазарот во Европа.

Еден од најголемите светски производители на ATV машини, CFMoto веќе има креирано неколку мотоцикли со помал капацитет но сега планира големи промени. Како предводник на промените се смета линијата 700CL-X која веќе беше преставена на EICMA 2019.

Исто така беше преставен и 300NK, моделот кој е под силно влијание на КТМ и 250SR спортскиот мотоцикл.

Back To Top